Иванов: Договорот за добрососедство отвора врата за градење меѓусебна доверба и соработка
Договорот е резултат на компромиси кои не можат секого да задоволат. Вакви договори се израз на компромис што треба да се гледа од аспект на иднината, а не на минатото. Ги повикувам двете Влади да придонесат кон исполнувањето на целта на договорот, вклучително и преку мешовитата комисијата, која треба да работи на градење доверба и пријателство, порача претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, во обраќањето на одбележувањето на државниот празник Илинден.
- Од самиот почеток на процесот, инсистирав договорот да биде симетричен. Што значи тоа? Добрососедството е двонасочна улица. Овој договор подразбира дека истите правила важат и за левата и за десната страна на улицата. Она што важи за Македонија, важи и за Бугарија. Придржувајќи се до принципите на рамноправност и реципроцитет, затвораме едно отворено прашање што ги оптоваруваше нашите односи. И, истовремено, отвораме врата за градење меѓусебна доверба и соработка, рече претседателот Иванов.
Тој истакна дека од почетокот на првиот мандат се залага за унапредување на добрососедските односи со сите соседи, и тоа врз основа на принципите на заемно почитување, помош и поддршка. Затоа, рече Иванов, ја поддржал и иницијативата за преточување на Декларацијата за добрососедство од 1999 во Договор за пријателство, добрососедство и соработка со Република Бугарија.
- Ако започнеме да ги отвораме старите рани, лесно ќе најдеме причини за кавги. Затоа, уште на почетокот јасно посочив дека со Бугарија треба да ги славиме само светлите датуми од заедничката историја на нашите две соседни, суверени и рамноправни држави, порача македонскиот претседател.
Признавањето на независноста на Република Македонија од страна на Република Бугарија и Денот на Европа - 9 мај, се настаните кои, како што посочи македонскиот претседател, тој предложил заеднички да бидат прославени.
- Таа заедничка историја започнува на 15 јануари 1992 година, кога Република Бугарија, под водство на претседателот Жељу Желев, прва ја призна независноста на Република Македонија. Со тоа Желев го отвори патот за меѓународно признавање на Македонија и ги разби мрачните сценарија за нови поделби на Македонија. Затоа, предложив заеднички да го славиме 15 јануари - денот на признавањето на независноста. Бидејќи тоа е почетокот на нашата заедничка историја. Кога, пак, на 19 декември 2009 година стапи на сила визната либерализација за македонските граѓани, заедно со поранешниот бугарски претседател Прванов ги кренавме рампите на граничниот премин Деве Баир – Ѓуешево. Со тоа симболично го кренавме меѓникот што ја делеше Европа на два дела. Затоа, предложив заеднички да го славиме и 9 мај – Денот на Европа. Бидејќи, таму е насочена нашата заедничка иднина, рече претседателот Иванов.
Но, додаде, има луѓе од цивилизациско значење кои треба заеднички да ги слават не само Македонија и Бугарија, туку и сите словенски земји, како светите браќа Кирил и Методиј.
- Моја должност како претседател е да ги штитам придобивките за кои се бореле и избориле нашите предци. А тие придобивки нужно ја вклучуваат и вистината за нашето минато, како основа за нашата сегашност и иднина, истакна македонскиот претседател.
Ново на Сител
-
Врховната Рада на Украина усвои закон за воена служба по договор за странци
-
ЛШ: Интер без Димарко и Арнаутовиќ против Манчестер Сити
-
Хезболах го обвинува Израел за експлозиите во Либан, расте бројот на загинати
-
Функционерските таблички во различна боја
-
Осум загинати, 2.750 повредени по експлозиите на пејџери низ Либан
-
Османи: Барањата на Вучиќ не треба да се сфатат сериозно, тој не сака Србите да се вратат во косовските институции
-
Петковиќ: Бислими одби трилатерална средба во Брисел
-
Претседателката Сиљановска Давкова ја прими грчката амбасадорка Филипиду