Македонија
9. November 2017 - 14:21

Иванов-Дармановиќ: Македонија и Црна Гора да се фокусираат на реализација на идентичните надворешно-политички цели

Македонија и Црна Гора имаат идентични надворешно-политички цели и треба да се фокусираат на нивна реализација преку интензивна меѓусебна соработка на билатерален и регионален план, констатирале македонскиот претседател Ѓорге Иванов и црногорскиот министер за надворешни работи Срѓан Дармановиќ на денешната средба во Скопје.

Со цел унапредување на регионалната и економската соработка, на средбата,  како што соопшти кабинетот на Иванов, била потенцирана потребата од зголемени инвестиции во инфраструктурно поврзување на земјите од регионот.

Двајцата соговорници изразиле интерес за унапредување на севкупните билатерални односи меѓу двете земји и го поздравиле континуираниот политички дијалог што укажува на традиционално пријателските односи меѓу Република Македонија и Црна Гора.

Во однос на европската перспектива, претседателот Иванов посочил дека членството на Република Македонија во ЕУ и НАТО е од клучно значење за стабилноста и просперитетот на целиот регион и го нагласил интересот за интензивирање на политичко-безбедносната соработка со Црна Гора во контекст на НАТО.

- Евроинтеграцијата на државите од Западен Балкан е од суштинско значење за регионалната стабилност и развој. Потребна е јасна перспектива за приклучување кон ЕУ и силна поддршка за забрзување на НАТО интеграцијата на Република Македонија, порачал на средбата Иванов.

Во тој контекст македонскиот претседател го поздравил позитивниот извештај на Европската комисија и охрабрувачките пораки од високи претставници на ЕУ во однос на лојалноста на Црна Гора во зачувувањето на заедничките европски вредности. 

Министерот Дармановиќ истакнал дека еден од приоритетите на Црна Гора, како иден претседавач со Јадранската Повелба, ќе биде поддршка за НАТО интеграциите на Република Македонија.

Иванов и Дармановиќ размениле мислења за актуелните политички случувања во Република Македонија и Црна Гора, како и за состојбите во регионот и Европа. 

Двајцата соговорници го потврдиле интересот за продолжување на тесната соработка во рамки на регионалните иницијативи и размениле информации за претстојниот Самит на Процесот Брдо-Бриони, чиј домаќин идната година е Република Македонија.