Македонија
2. December 2015 - 14:01

Иванов: Честитки до Црна Гора, НАТО да ги почитува и преземените обврски за членство на Македонија

Алијансата постојано се повикува дека мора да биде почитувано меѓународното право и сите преземени обврски. Мислам дека тоа треба да се однесува и на Македонија, нагласи претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, кој денеска упати честитки до Црна Гора која доби покана да стане 29-та полноправна членка на НАТО.

- Не можеме се уште да опстојуваме на тоа дека станува збор за политичка одлука која е донесена на Самит, а имаме пресуда која треба да биде исполнета, посочи Иванов, кој утрово во телефонски разговор со претседателот на Црна Гора, Филип Вујановиќ и од името на македонските граѓани упатил честитка за добиената покана за членство во Алијансата. 

Очекуваме, подвлекува претседателот Иванов, Алијансата да го има предвид сето она што е нова реалност и сето она што до сега Македонија го остварила на патот на нејзиното членство во НАТО.

- Ние како земја од овој регион се радуваме за секој успех на секоја земја, затоа што успехот на секоја поединечна земја придонесува кон стабилноста и сигурноста на целиот наш регион. Меѓутоа, мора да се има предвид дека Македонија одамна ги има исполнето сите услови кои се предвидени за членство за НАТО, но поради блокадата од нашиот јужен сосед се уште сме во статус-кво состојба, наведе претседателот Иванов.

За сите овие работи во изминатиот период, потсети дека информирал многу светски државници со кои остварил средби. На сите тие средби било укажано на последиците од блокадите и статус-кво состојбата во која се наоѓа Македонија.

- Блокадите предизвикуваат фрустрации кај нашето население, но и кај целото општество. Македонија досега се покажа како почитуван, извонреден партнер на Алијансата, затоа што учествува во сите мисии во кои е поканета, но и до сега остваривме 16 акциони планови за членство и го почнуваме 17-ти т.н. МАП, а се уште го немаме добиено она што го заслужуваме, изјави македонскиот претседател.

Состојбите во светот и во нашиот регион, смета тој, укажуваат на се позачестени терористички акти, укажуваат дека бегалската и мигрантската криза ја нарушуваат безбедноста во целиот наш регион.

- Се соочуваме со закани кои ги имаме, а кои до сега не биле присутни, што укажува дека имаме нова реалност која мора да ја има предвид НАТО кога ги носи своите одлуки, рече претседателот Ѓорге Иванов.