Македонија
16. November 2017 - 15:42

Иванов-Бутарис: Унапредување на соработката меѓу македонското и грчкото општество

Република Македонија е подготвена за натамошно јакнење на соработката во сите сфери од заемен интерес кои ќе придонесат за нашата заедничка визија за регионална стабилност и просперитет, како и за заедничка сегашност и иднина во големото европско и евроатлантско семејство, истакнал претседателот Ѓорге Иванов на денешната средба со градоначалникот на Солун, Јанис Бутарис. 

Изразувајќи задоволство од можноста за повторна средба, претседателот Иванов, како што соопшти неговиот Кабинет, оцени дека и покрај отвореното билатерално прашање, соработката меѓу македонското и грчкото општество е на завидно ниво и посочил на потребата од нејзино натамошно унапредување.

Иванов го поздравил интензивирањето на дијалогот и напорите на двете земји за забрзување на процесот на имплементација на мерките за градење доверба и внесување на нови содржини во билатералната соработка.

Според македонскиот претседател, од особено значење е натамошното продлабочување на економската соработка, усогласувањето и унапредувањето на правната рамка во интерес на бизнис заедниците од двете земји, како и потребата за натамошно инфраструктурно поврзување, преку ревитализација на железничката мрежа и отворање на нови гранични премини.

Иванов и Бутарис, според соопштението, разговарале и околу можностите за развој на проектот Вардар – Морава – Дунав, што ќе придонесе за отворање на нови можности за економиите, нови инвестиции и работни места.

Тие ги потенцирале доделувањето на стипендиите „Борис Трајковски“ на Сити Колеџот од Солун и Школата за млади лидери, на која минатата година одржа предавање и градоначалникот на Солун, како успешни примери за унапредување на соработката меѓу Република Македонија и Република Грција.

Претседателот Иванов и градоначалникот Бутарис размениле мислења за актуелните состојби на економски и политички план во Република Македонија и во Република Грција.