Македонија
18. December 2020 - 16:32

Иванов бара Антикорупциска да ги реши неговите предмети

Екс претседателот Иванов ја повика антикорупциска да ги расчисти двата предмети отворени за него.

Во јавното барање Иванов потсетува дека предметот за потпишување укази за унапредување на генерали за време на изборен процес и предметот за зголемување на имотната состојба биле отворени уште додека бил на функција.

„Јавно ве прашувам:

Зошто и по речиси 20 месеци од завршување на мојот мандат како претседател на Република Македонија се уште немате завршница за предметот отворен за мојата и моето семејство имотна состојба, иако навремено ви беа доставени сите информации и податоци кои лесно беа проверливи?

Дали се точни информациите, кои ги имам неофицијално, дека релевантни институции од кои сте барале да ја испитуваат мојата имотна состојба, навремено и професионално ви ги доставиле нивните одговори?

Со вашата неспособност, нестручно, неодговорно и спротивно на закон и деловник работење и однесување, само нанесувате штета на професионалниот и стручен тим на Државната комисија за спречување на корупцијата“, прашува Иванов.

Од антикорупциска пак одговараат дека овие обвинувања се паушални.

Државната комисија за спречување на корупцијата е колективно тело и сите одлуки ги носи на јавна седница со мнозинство гласови, така што целосно е неосновано искажаното сомневање за злоупотреба на нејзината функција.

ДКСК на доставеното барање од поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов писмено ќе одговори, се посочува во нивното соопштение.