Македонија
29. July 2018 - 16:08

Итно повлекување на градежните машини од Водно бараат невладините

 И покрај бројните реакции на граѓанските здруженија изградбата на гасоводот на Водно продолжува. Невладините и здруженијата се кренаа на нозе, бараат под итно надлежните да ја отстранат градежната механизација. Тврдат дека на Водно се гради булевар а не патека од 10 метри. Активистите реагираат Владата да излезе со официјален став за трасата и да се изработи нова оценка на влијанието на изведбата на оваа гасоводна делница која ќе минува низ парк шумата Водно.

Активистите тврдат дека имаат сознанија дека биле понудени повеќе траси но сепак е избрана јужната страна на Водно каде е најголемото природно богатство.

- АД Македонски енергетски ресурси (МЕР), кои ја градат гасоводната делница 5, според нив ги имаат обезбедено скоро сите потребни документи, но немаат документ што дава дозвола за работа во заштитено подрачје.– МЕР имаат документ со кој се оценува влијанието врз животната средина, но таа оценка е одобрена од Министерство за животна средина и просторно планирање 2011 година и во неа не е специфирано за влијанието врз животна средина во заштитено подрачје и количината на шумски предел што ќе биде оштетен. Многу е општа самата студија, а е прифатена од Министерството за животна средина и е одобрена. Таква една студија за влијание врз животна средина е одобрена од истото Министерство и за патот кон „Сончев град“, а знаеме какви последици и проблеми имаше.

Од Владата велат дека сепак механизацијата ќе остане на Водно и ќе се работи во деловите каде не е загрозена животната средина додека да се изработи новиот проект за промена на првичната траса за Гасовод.

- Дефинирање целосно нова траса за овој гасовод не е можна, бидеjќи тоа ќе донесе неколкукратно поголеми проблеми и штети за државата и за граѓаните: губење време за реализација на гасоводот, правни проблеми со експропријација на земјиште, губење на заемот со исплата на  дополнителни големи камати, сериозно одложување на реализација на еколошкиот проект-гасовод, и со тоа поттикнување натамошно греење со огревни дрва, наместо со гас, што ја загрозува животната средина, се вели во соопштението од Владата.

Овој став претходно го соопшти и вицепремиерот Кочо Анѓушев кој на 10 јули беше во увид на теренот. Анѓушев и тогаш потенцираше дека Гасоводот мора да се гради а невладините ќе бидат вклучени во текот на целиот процес.