Македонија
19. March 2019 - 16:37

Итната помош ја чека физибилити студијата за јавно приватно партнерство во службата

Идниот месец ќе се знае дали и приватна фирма заедно со државата ќе раководи со Брзата помош. На почетокот на април треба да биде готова физибилити студијата која ќе покаже дали е исплатливо службата 194 да функционира со јавно-приватно партнерство. Договорот со фирмата која е избрана да ја подготви студијата за 60 дена чини 91.450 денари. Истиот е потпишан на 29 јануари, но дури денеска беше објавен на електронскиот систем за јавни набавки откако медиумите прашаа зошто досега тоа не е сторено. Министерот Филипче уверува дека пред да одлучат дали приватен партнер ќе влезе во Итната медициснска помош ќе има јавна дебата.

-На јавна дебата ќе се анализираат резултатите дали треба да се направи јавно приватно партнерство во службата за Брза помш, изјави д-р Венко Филипче, министер за здравство.

Според Филипче јавно - приватно партнерство во Брзата помош имало во Италија, Германија и други Европски земји и се поизвесно е дека моделот ќе биде применет и во нашата земја.

Во меѓувреме службата 194 ќе ги добие најавените 12 нови амбулантни возила, а 8 комбиња од министерството за земјоделство кои не ги користеле ќе бидат опремени и пренаменети за Брза помош. Но, сериозен проблем е и кадарот. Филипче изјави дека после изборите ќе бидат вработени 40 лекари.

-  Сите доктори кои ќе завршат во нашата држава ќе добијат платено работно место за време од предвидениот, согласно измената на Законот за здравствена заштита, стаж од шест месеци. На тој начин ќе им биде овозможен влез во здравствениот систем, рече Филипче.

Изборите го пролонгираа и распишувањето на тенбдерот за централна набавка на реагенси за лабораториите тежок 35 милиони евра, кој министерството за здравство повторно го подготвува, иако првиот тендер летото беше поништен поради неправилности, а имаше и жестоки реакции во јавноста.