Македонија
18. April 2019 - 14:44

Итната медицинска помош зајакната со 12 нови возила

 Итната медицинска помош доби 12 нови возила опремени со најсовремена медицинска опрема. Шест од нив, ќе бидат наменети за градот Скопје, а останатите ќе бидат распределени во градовите каде што има потреба од нив.

Како што соопшти денеска Министерството за здравство, примарната здравствена заштита е основа на здравствениот систем и затоа зајакнувањето на нејзините капацитети е од круцијално значење за подобрување на здравствената заштита на граѓаните во нашата држава.

– Со новите 12 возила на Итната медицинска помош, за пациентите овозможуваме неопходната здравствена услуга да ја добијат многу побрзо и таа да биде уште поквалитетна. Дополнително, во голема мера ги подобруваме и условите за работа на здравствените работници, стои во соопштението.

При набавката на амбулантните возила, се посочува во соопштението, Министерството за здравство заштеди 12 милиони и 240 илјади денари или околу 200 илјади евра. Постигнувајќи ја најниската цена, од предвидените 30 милиони и 500 илјади денари, за 12-те возила од буџетот на министерството, се издвоени 18 милиони и 300 илјади денари (без ДДВ).

Најавено е дека 12-те нови возила за Итната медицинска помош ќе бидат пуштени во употреба за неколку денови, откако тие ќе бидат регистрирани.