Свет
26. October 2017 - 15:31

Италијанскиот Сенат одобри промени во изборното законодавство

Сенатот, Горниот дом на италијанскиот парламент,  денеска одобри промени во изборната легислатива.

Предлог-законот претходно беше одобрен од Долниот дом на пратениците и сега се чека само на потписот на претседателот Серџо Матарела за да стапи во сила.

Според новиот изборен систем, околу една третина од пратениците ќе се избираат по правилото „првиот добива сè", а останатите две третини - според пропорционалниот принцип.

Со реформата се воведува минимален праг за влез во парламентот од три отсто од гласовите за одделна партија и од 10 отсто за коалиции.

Спроведените анкети, покажуваат дека согласно досегашните трендови во гласањето, со новиот систем нема да се добие јасен победник, што значи дека по изборите во мај следната година најверојатно ќе треба да се состави голема коалиција.

Претседателот Серџо Матарела повика на промена во изборните правила, за да се спречи ризикот изборите да даваат различен резултат во двата дома.

Претходните обиди за реформи беа неуспешни поради политичките несогласувања, но владејачката Демократска партија на поранешниот премиер Матео Ренци постигна договор со блокот „Форца Италија" на Силвио Берлускони, а десничарската „Северна лига", исто така ја поддржа иницијативата.

Главната опозициска сила, Движењето „Пет ѕвезди", организира улични протести против законот со образложение дека со него се фаворизираат коалициите и се „казнуваат“ партиите кои самостојно настапуваат на избори.