Македонија
8. August 2019 - 16:43

Италијански весник објави видео и аудио од рекетот на Орце Камчев, Боки 13 ветува слобода преку Катица Јанева

Италијанскиот весник Ла верита објави видео и аудио снимки од домот на бизнисменот Орце Камчев. На снимките од февруари годинава, се гледа како осомничените во Рекет Боки 13 и Зоран Милевски Кичеец подигнуваат торба со пари, а за возврат на Камчев му ветуваат ослободување од притвор за предметот Империја.

Од обвинителство тврдат дека оваа снимка не е протечена од нив, но не добивме одговор дали ја поседуваат како доказ и дали се работи за истата снимка за која обвинителката Рускоска веќе говореше во јавноста.

Оттаму кусо одговараат дека сите докази кои  ги поседуваат за овој предмет ќе бидат презентирани единствено пред надлежен суд при евентуална судска постапка. Предметот е во фаза на истрага во која во континуитет се работи на обезбедување на сите докази, посочуваат од обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.

Во телефонски разговор за Сител пак специјалната обвинителка Лиле Стефанова која ја води истрагата Империја вели дека е шокирана и згрозена од снимката која денеска за прв пат ја гледа во медиумите.

Стефанова потврди дека досега не е повикана на распит во организиран криминал но дека стои на располагање на истражните органи за расчистување на случајот.

Специјалната обвинителка вели дека сите документи за притвор и сите решенија поврзани со Империја биле потпишани од Катица Јанева и покрај тоа што таа лично не се согласува со ниту една нејзина одлука.

Со став се јави и Специјалното обвинителство. оттаму посочуваат дека токму оваа видео снимка докажува дека тие не се поврзани со одлуките кои досега ги донесоа Основниот, Апелацискиот и Врховниот суд. Појаснуваат дека и покрај сите нивни мислења за продолжување на мерките притвор за осомничените во Империја, Врховниот суд сепак донел спротивно решение.