Македонија
8. јуни 2016 - 12:14

Италијански уметници ќе изведат македонски дела на концерт во Трст

Во палатата „Гопчевич“ при Градскиот музеј „Карло Шмидл“ во Трст, Италија, оперскиот пејач Благој Нацоски утревечер ќе организира концерт на кој реномирани италијански уметници ќе изведат дела на македонски јазик. 

Концертот е насловен „Седум песни од светлина и прав” и се реализира со поддршка на Министерството за култура. Ќе настапат познатите италијански уметници: Луиџи Скифано (контратенор), Рафаеле Фео (тенор), Елена Бакјарело (кларинет), Константин Чобану (виолина), Џакомо Бјаџи (виолончело) и Џанлука Аскери (пијано).

- Делото „Седум песни од светлина и прав”, од еден од најреномираните италијански композитори Анџело Инглезе, претставува циклус од седум песни на македонскиот поет Никола Маџиров претворени во музика, и тоа за камерен состав: два гласа, кларинет, виолина, виолончело и пијано. Тоа е второ дело на Анџело Инглезе поврзано за Република Македонија. Неговата прва композиција беше изведена во 2011 година за чествувањето на Св. Кирил и Методиј, на 24 мај, од страна на Нацоски, виолинистите Ана и Олег Кондратенко и диригентот Алесандро Д’Агостини, во Пантеонот во Рим, информира Министерството за култира. 

Нацоски и пред две години, со поддршка од Министерството за култура  со особен успех го одржа концертот „Седум песни од светлина и прав” во монденскиот локалитет Санта Маргерита Лигуре во Џенова, како дел од италијанско-македонската вечер посветена на 20-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Република Македонија и Италијанската Република.

По концертот во Трст, Нацоски, како амбасадор на културата на Република Македонија, ќе одржи говор во салата „Алдо Моро“, во Италијанскиот парламент во Рим, на тема „Имиграција и култура”.