Свет
3. March 2016 - 10:49

Италијанската мафија заработува повеќе од „Фиат“

Италијанската мафија со продажбата на наркотици во Италија заработува исто како компанијата „Фиат“ со продажба на автомобили, не не плаќаат данок, соопшти италијанското државно обвинителство, задолжено за борба против мафијата. 

Повикувајќи се на проценките на канцеларијата на ОН за наркотици и криминал, италијнското обвинителство соопшти  дека организираните криминални групи во Италија годишно заработуваат повеќе од 32 милијарди евра со продажба на дрога, пренесува Танјуг. 

- Тоа е како најголемиот италијански производител на автомобили, заедно со своите доставувачи на делови и продажната мрежа, да ги исплатува сите плати и своите доставувачи, а сите производи да ги зема нелегално и без почитување на прописите, а потоа да ги продава и повторно да вложува без плаќање на каков било данок, се наведува во годишниот извештај на италијанското обвинителство. 

Во тој документ, се споредува заработката на мафијата со заработката на „Фиат“ во Италија, а не приходите на целата групација „Фиат Крајслер“ на светско ниво, пренесува Танјуг. 

Обвинителството истакна дека калабриската мафија, позната како Ндрангета, станала најголем европски снабдувач со јужноамерикански кокаин. 

Благодарејќи на повластените врски со јужноамериканските криминални групи кои „имаат целосна доверба во калабриските кланови“, Ндрангета исто така, е главен снабдувач на кокаин и на другите криминални групи во Италија, тврди обвинителството. 

Во Италија меѓу јули 2014 и јуни 2015 година се запленети скоро четири тони кокаин, што е осум пати помалку во споредба со истиот период претходната година.