Бизнис
22. July 2019 - 16:45

ИТ услугите на врвот по извоз од Македонија

Рекордно ниво на извоз на компјутерски и информациски услуги од земјава. Извозот на ИКТ услугите лани надминал 160 милиони евра, што на годишно ниво претставува раст од речиси 26%.

Според податоците објавени од извозници.мк, македонските програмерски фирми претежно вршат доработки на нарачки од странските компании, додека само 5% од извозот отпаѓа на готови произведи од домашните ИТ компании. Услугите во оваа дејност бележат голем суфицит бидејќи извозот е тројно поголем од увозот.

Од Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии, МАСИТ, велат дека ИТ секторот е најбрзорастечки во земјава и треба да се искористи неговиот потенцијал. Сметаат дека доколку се поддржи секторот и се намалат давачките кон државата, извозот ќе расте со уште позабрзано темпо.

ИТ компаниите особено реагираа на воведувањето на прогресивното даночење. Велат дека за да ги задржат вработените зголемените давачки ги зеле на свој грб.

Од друга страна, последните законски измени овозможија ИТ компаниите да аплицираат за државна помош за инвестиции за развој.

Просечната нето плата за компјутерко програмирање во земјава изнесува речиси 60.000 денари.

ИТ секторот вработува околу 13.000 луѓе, а учествува со 8% во бруто домашниот производ на земјава.