Бизнис
25. February 2019 - 19:43

ИТ секторот нуди поголеми плати, сепак работници нема

ИТ секторот континуирано се соочува со недостиг од кадар и покрај тоа што таа индустрија е меѓу најбрзорастечките, а платите се атрактивни и постојано растат.

Здружението на студенти по електротехника велат дека годишно никнуваат повеќе ИТ компании отколку дипломците на техничкиот кампус.

-Претприемништвото е она кон кое младите веќе треба да се вртат. На техничкиот кампус годишно завршуваат по 300 студенти, а според податоците на МАСИТ, во текот на годината се регистрираат над 400 ИТ компании. Тоа значи дека перманентно имаме недостиг на кадар, а и оној што е на располагање, во големот дел од случаите, за жал, работи аутсорсинг или подизведувач за други фрими. Она што македонските старт-ап компании треба да го осознаат е дека мора да се свртиме кон создавање сопствени продукти, истакна претседателот на Здружението Илија Лалковски.

Студентското здружение со порака до младите да го развиваат претприемачкиот дух.

Студентите сметаат дека искористувањето на потенцијалот на младите е начин како тие да се задржат во земјава.

Тоа е една од целите и на владиниот оперативен план за вработување. За реализација на различни мерки, наменети особено за младите, одвоени се речиси 18 милиони евра.

Статистиката покажува дека просечната нето плата за компјутерско програмирање лани во споредба со претходната година пораснала за 12,4%, а во декември изнесувала 75.546 денари.