Македонија
29. November 2021 - 20:49

Истражување: Граѓаните не им веруваат на политичарите, по избори работат само за себе

Осум од 10 лица имаат исклучително негативно и недоверливо мислење за политичарите, став кој остава широко отворена врата за продор на популизам. Бара ли народот во Македонија популистички лидери, одговор бараа Институтот за демократија и Претседателскиот центар за политичко образование.

Утврдија податок кој треба да ги алармира политичките елити.

Истражувањето покажало дека за граѓаните поприфатлив е човек од народот, отколку политичар од кариера. Првиот повеќе би го одбрале гласачите на ВМРО ДПМНЕ, додека оние на СДСМ повеќе се определуваат за втората опција.

Се анализирала и прифатливоста на теориите на заговор, како уште еден показател за постоење на популизам во општеството.

44 отсто од испитаниците сметаат дека бројките за болни од Ковид се зголемувани, поради тоа што се плаќало ако починат од болеста, додека речиси половина од испитани граѓаните сметаат дека од авион се прскаат вируси.

Популизмот се храни и од недовербата во институциите, а кај нас таа е на многу ниско ниво. Истражувањето покажува дека Собранието и Владата имаат оценка 3,5 на скала од еден до 10, додека убедливо најниска доверба има судството, на кое секој втор граѓанин му дава оценка еден.