Македонија
10. November 2018 - 16:20

Истражување БИРН: Македонија ги штити големите аерозагадувачи

Само една компанија во земјава добила судска пресуда за загадување на воздухот во последните седум години, покажува анализата на БИРН Македонија. Судот изрекол казна за фирмата во висина од околу 2.100 евра, а казната за менаџерот била 1.000 евра. Анализата покажува дека повеќето судски постапки се водат против поединци или помали фирми, додека големите загадувачи или воопшто не се наведени во архивата на судски постапки, или се извлекуваат со скромни парични казни.

Скопје утрово е рангиран како 14-ти најзагаден град во светот, но долго котира високо на оваа листа. Владата ќе се бори за намалување на загадувањето почнувајќи токму од поединците. Возилата, како втор најголем аерозагадувач, се првиот сегмент од масовната акција против загадувањето, велат од Владата.

Со новиот закон се воведува еколошка налепница за возилата. Секој автомобил при техничкиот преглед ќе добие налепница во зелена, жолта или црвена боја, согласно еколошките стандарди што ги исполнува.

Законот влегува во собраниска процедура, а ќе стапи на сила откако ќе биде изгласан. Возачите што нема да имаат налепница на своите возила, ќе бидат предмет на почести контроли од страна на полицијата и на самото место ќе се проверува количината на штетни гасови што ја емитува возилото. Доколку не ги исполнува стандардите, возилоте ќе биде отстрането од сообраќај, а казните сè уште не се прецизирани, но ќе се движат почнувајќи од 300 евра, а ќе достигнат и 1.000 евра. Градските автобиси не се дел од оваа мерка.

Министерството за животна средина нема податоци за бројот на возила и нивната категоризација според аерозагадувањето. Но, сметаат дека транспортот е само еден сегмент од борбата за почист воздух и најавуваат субвенции за купување еколошки автомобили и за вградување плин во возилата.