Македонија
5. јуни 2019 - 16:01

Истражувањата на локалитетот кај селото Жиганци ќе чинат од два до три милиони денари

Археолозите од Заводот за заштита на споменици (ЗЗС) и Музеј на град Штип новите истражувања на локалитетот кај селото Жиганци, што пред половина месец беше откриен на експресниот пат Штип-Кочани проценуваат дека ќе чинат од два до три милиони денари.

Директорот на ЗЗС и Музеј на град Штип, Митко Штерјов вели дека овој локалитет минува низ трасата, а деновиве очекуваат и потпишување договор со раководството на  ЈП за државни патишта за археолошки истражувања на тој дел од трасата.

 – Тоа е во завршна фаза, значи е направена програмата и пресметката и доставена е до јавното претпријатие за државни патишта и кога ќе се потшпише договорот ќе почнеме со барање на дозвола и истражување на тој дел, вели Штерјов.

Новиот локалитет беше откриен од страна на градежните работници на кинеската компанија „Синохидро“, што го доби тендерот и веќе го гради вториот дел од овој експресен пат почнувајќи од селото Крупиште до Кочани.

Експресниот пат Штип – Кочани е нов патен правец долг 28 километри кој треба да чини 40 милиони евра. Првиот дел од овој пат од клучката кај штипската приградска населба Три Чешми до селото Крупиште почна  да се гради во 2017 година.