Македонија
24. January 2022 - 16:34

Истрагата ќе утврдува што го предизвика пожарот во ,,Жито Битола‘‘

Локализиран е пожарот во објектот на фабриката за леб и бели пецива „Жито Битола“ кој избувна вчера после 17 часот. Се интервенираше со цел расположлив капацитет, 9 возила и 29 пожарникари за неколку часа успеаја да го стават под контрола пожарот, а помош стигна и од РЕК Битола со две возила и 20 пожарникари и вработени, како и возило на ЈП Водовод за дотур на вода.

Кај 21 часот беше направена и замена на противпожарната екипа на терен која гаснеше четири часа, со нова екипа која ја контролираше ситуацијата во текот на ноќта, вршеа догаснување на делот од главната зграда, кое траеше до утринските часови. Тие ќе останат на терен и денеска во случај повторно да не дојде до распламтување на огнот. Според заменик командирот, Горан Димкоски, навремено било спречено проширување на пожарот.

-Пожарот е ставен под контрола доста брзо. Таму имаме се уште луѓе, за а не се прошири, затоа што имаше опасност да се прошири кон магацините, исто и силосите за кои добивме информација дека с еполни со жито, вели Димкоски.

Причинета е материјална штета на објектот, а истрагата која дополнително ќе ја спроведе увидна екипа на СВР Битола ќе покаже која е причината за избувнување на пожарот. Инаку оваа зграда која е дел од мелничко-пекарскиот капацитет во приватна сопственост, датира од крајот на 19 век, а токму самата градба им предизвикала потешкотии на пожарникарите при гаснењето на огнот.