Македонија
11. July 2019 - 19:21

Истрагата без одговор кој ја фрли експлозивната направа во кафе бар во Прилеп

Прилепското Основно јавно обвинителство чека полицијата да им ги достави снимките од камерите и да го добие извештајот од крим-техничкото вештачење од рачната бомба што вчера беше пронајдена во летната бавча на кафулето „Кафе ин“ во старата прилепска чаршија. Од ОЈО велат дека не можат ништо друго да соопштат околу овој инцидент додека не го добијат потребниот извештај од МВР.

Инаку симптоматично е тоа што само еден ден после овој инцидент Општина Прилеп денеска ја посети директорот на БЈБ, Сашо Тасевски кој оствари средба со градоначалникот на Прилеп. За оваа средба која се случиила во зградата на локалната самоуправа медиумите не без известени. За неа беа информирани преку соопштение дури откако Тасевски го напуштил Прилеп.

„Во врска со случајот на пронајдената неексплодирана рачна бомба во едно кафуле во Прилеп директорот на БЈБ потенцираше дека станува збор за изолиран случај за кој веќе постојат одредени индиции. Тасевски нагласи дека се преземаат сите потребни истражни дејствија за што поскоро решавање на случајот и дека се работи на анализа на обезбедените информации и податоци кои, како што напомена, ќе овозможат Министерството што поскоро да излезе со конкретни информации за овој немил настан“, стои во соопштението од локалната самоуправа на Прилеп, која таа го испрати до медиумите.

Од Општина Прилеп потенциираат дека Тасевски примарно дошол во Прилеп да се запознае со безбедносната ситуација во градот во пресрет на еден од најголемите фестивали во Македониија кој треба да се одржи од 18 до 21 јули.

Во соопштениеот се додава дека Тасевски истакнал дела безбедносната состојба во Прилеп била поволна и искажал уверување дека биле направени сите неопходни планови и подготовки, кои гарантираат дека од безбедносен аспект, Пивофест ќе поминел во најдобар ред и без никакви проблеми.