Македонија
16. јуни 2019 - 9:17

Истрага и притвор за лице осомничено за убиство на жена во Шуто Оризари

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице заради постоење на основано сомневање дека сторил едно кривично дело убиство од член 123 став 1 и едно кривично дело убиство во обид, предвидено и казниво по член 123 став 1 во врска со член 19 од Кривичниот законик.
 
Во текот на завчерашниот ден, по вербална расправија и физичка пресметка на двајца братучеди во населбата Шуто Оризари, осомничениот со нож влегол во куќата на оштетните, со цел да го лиши од живот својот братучед.
 
Удирајќи го со нож во пределот на градите и абдоменот му нанел две убодни рани. Со намера да ги раздвои, меѓу двајцата братучеди застанала сопругата на оштетениот при што осомничениот замавнал со ножот и и задал удар во пределот на срцето од кој удар кај оштетената настапила смрт.

-Имајќи ги предвид видот и тежината на кривичните дела што се ставаат на товар на осомничениот, како и тешките последици од настанот во кој без никаква вина во својот дом, мајка на малолетни деца го изгуби својот живот, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, се наведува во соопштението на обвинителството.