Македонија
13. January 2019 - 9:11

Историска недела за Македонија

Македонското Собрание во петокот вечерта со двотретинско мнозинство од 81 пратеник ги усвои уставните измени, кои произлегуваат од Договорот од Преспа за решавање на спорот за името. Македонската страна ја исполни својата обврска од договореното, а сега на потег е грчкиот Парламент да го ратификува Договорот, со што ќе се отвори патот за интегрирање на земјава во ЕУ и НАТО.

Седницата почна во средата на 9 јануари, но беше неколку пати презакажувана поради барањата на Беса на Биљал Касами за интевенирање во амандманите во делот на дефинирањето на државјанството и дијаспората. Договор беше постигнат за дел од барањата на Беса, откако претходно беа прифатени и дел од барањата на Алијансата на Албанците на Зијадин Села, со што беше обезбедено потребното двотретинско мнозинство за третата фаза од измените на Уставот.

Премиерот Зоран Заев откако Собранието ги усвои уставните измени преку својот Фејсбук профил им честита на граѓаните и на пратениците за преземената одговорност.

Заев, вчера на прес-конференција, каде првпат го употреби новото име на државата, го оцени денот на усвојувањето на уставните измени во Собранието како историски, кога се затвора едно поглавје и се пишува нова историја за нашата држава.

Истакна дека по големата одлука во Парламентот ги разбивме сите дилеми и си потврдивме дека заедно ја движиме нашата земја во иднината што ја посакуваме, македонска држава, како држава на европското семејство и членка на НАТО, кои не прифатија како Македонци со свој идентитет и со своја гордост, земја во чиј идентитет се вградени и идентитеи на сите нејзини граѓани, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци и сите други кои живеат во нашата Македонија.

Рече дека не се чувствува како уценет политичар после сите случувања во текот на преговорите со Грција, амнестијата, преговорите со политичките партии.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пак, побара Парламентот да се распушти уште в понеделник и да се распишат предвремени избори заедно со Парламентарните.

Тој истакна дека ВМРО-ДПМНЕ не се плаши од избори и има доволно време да се подготват изборите, да се формира техничка влада и заедно со претседателските да има вонредни парламентарни избори.

Одлуката за промена на името ја оцени како срамна и оти ВМРО-ДПМНЕ ќе направи се што е во негова моќ да ја исправи во иднина оваа неправда.

Заев, пак на тоа одговори дека највисоките партиските тела на СДСМ ќе го разгледаат барањето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, за распишување предвремени парламентарни избори кои евентуално би се одржале задно со претседателските.

Честитки за одлуката на македонското Собрание дојдоа од повеќе светски лидери. Шефот на германската дипломатија Хајко Мас изрази очекување дека и Грција ќе даде согласност за Договорот од Преспа и оти Македонија потоа ќе стане членка на НАТО и ќе почне преговори со Европската унија.

Специјалниот пратеник на генералниот секретар на ОН за спорот за имнето меѓу Македонија и Грција, Метју Нимиц рече дека овој историски договор помеѓу два соседа ја отвора вратата за нови односи меѓу нив и за поцврста основа за мир и безбедност на Балканот и оти со нетрпение го очекува завршувањето на процесот како што е наведено во Договорот.

Државниот секретар на САД Мајк Помпео изјави дека САД ја поздравуваат одлуката на Собранието, за усвојување на уставните амандмани неопходни за ратификација на Договорот од Преспа за решавање на спорот со името со Грција.

Позитивното гласање за Преспанскиот договор е историски момент за Македонија. Честитки до македонскиот Парламент и до Владата на премиерот Зоран Заев, напиша денеска на Твитер британската премиерка Тереза Меј.

Во меѓувреме, во Грција поранешниот претседател на ПАСОК и поранешниот министер за надворешни работи на Грција, Евангелос Венизелос рече дека грчкиот премиер ги направил неопходните чекори и има мнозинство во Парламентот и за ратификација на Договорот од Преспа и за доверба на Владата.

Против Договорот од Преспа и „за да се спречи предавство на Македонија“ т.н. „Комитет за борба за Македонија“, за следната недела, на 20. јануари закажа протест на атинскиот плоштад Синтагма.