Македонија
16. July 2019 - 16:10

Историјата на случајот „Империја“- кога и како започна битката на (со) Орце Камчев

Под кодно име „Империја“ е отворена истрага против: Јордан Камчев, Сашо Мијалков, Цветан Панделески. Oва е дел од содржината на соопштението кое на 9 ноември, 2018 година, го објави специјалното јавно обвинителство според кое кривично ќе ги гони тројцата бизнисмени и уште десетмина. Ги осомничи за злоупотреба на положбата, измама и перење пари - кривични дела со кои предизвикале штета од околу 10 милиони евра.. По распитот кај судија на претходна постапка, петмина од осомничените завршија во притвор, меѓу нив и Камчев. Две недели подоцна, за истиот случај, зад решетки заврши и Мијалков.. Во истражниот затвор „Скопје“, двајцата останаа до 27 декември кога СЈО побара мерката да се замени со куќен притвор. Тогаш специјалната обвинителка Катица Јанева појасни дека обвинителството ги прибавило неопходните вербални и материјални докази неопходни за предметот.

„Испитавме одредени лица и сведоци кои беа важни за потврдување на некои факти, врз основа на финансиските документи и сметаме дека во следниот период додека трае истрагата ќе се вршат само финансиски анализи. Така што присуството на осомничените во притворот не се потребни. Не може веќе да влијаат на истрагата, врз сведоци или да го повторат делото“, изјави во ТВ интервју, Катица Јанева, СЈО. (29.12.2018год.)

Еден месец подоцна, специјалното обвинителство го промени ставот и со образложение дека може да влијае врз истрагата, побара да се продолжи куќниот притвор, процес кој се одвиваше пред највисокиот суд.

„Во досегашниот тек на истрагата се сослушани голем број сведоци, но потребно е да се изврши распит на уште голем број сведоци. Обвинетиот, доколку биде пуштен да се брани од слобода, ќе ја попречува кривичната постапка преку влијание врз сведоци и соучесници“, наведува СЈО во образложението за продолжување на мерката.

Врховниот суд не го прифати со став дека истекол периодот во кој СЈО може да покренува обвиненија, па Камчев беше ослободен.

„Империја“ на специјалното обвинителство повторно стана актуелна во март кога во зградата на СЈО поплава зафати дел од списите на предметот, случај кој го потврди обвинителството. Подоцна, обвинителката Јанева во интервју на 1ТВ изјави дека не се исклучува можноста да имало документи од предметот.

„Докази, хартии се натопија но докази важни нема уништено. Значи докази има за предметите а штета исто така има но таа е материјална, не во докази“, изјави Јанева.(13 март 2019 год.)

Три месеци подоцна, Бојан Јовановски, неформалниот сопственик на истиот медиум ги спомна „Империја“ и осомничениот Камчев говорејќи за написите на новинарот Бранко Геровски за рекетарска афера зад која стојат лица од медиумскиот бизнис. Јовановски изјави дека се среќава со еден од обвинетите во случајот и средбите биле за маркетиншки услуги.

„Јас сум се гледал со Јордан Камчев во време кога излезе од затворскиот притвор за случајот „Империја“ и тоа е точно. Околу фамозните приказни за куферчиња за сето тоа ги отфрлам како целосно невистинити, а за тоа дали ме снимал Јордна Камчев, тоа си знае најдобро Јордан Камчев“, изјави Јовановски. (28.06.2019 год.)

„Империја“ на СЈО е се уште предмет во истрага. Осомничените повеќе не се во притвор, дел од нив си ги добија назад и патните исправи. Дека Камчев е еден од оние кои имаат слобода да патуваат во странство, јавноста дозна откако беше објавена фотографија од неговото присуство на натпреварот Вардар – Вестпрем во Германија.

Тогаш, СЈО на барање од медиумите извести дека дозволиле Камчев да добие времен пасош заради негова задолжителна едукација.