Македонија
23. јуни 2022 - 16:38

Историчарите негираат дека го „бугаризирале“ цар Самоил

Лага е дека е постигнат договор меѓу членовите на мешовитата историска комисија Цар Самоил да биде внесен како бугарски цар, уверува ко-претседавачот Драги Ѓорѓиев. Вели дека Комисијата уште во 2019 усвоила текст за заедничко чествување на Цар Самоил и тој текст е јавно објавен. Комисијата не може да усогласи текст кој потоа ќе се користи на споменици и историски обележја.

-Не знам од каде се измислени тие конструкции таму, но апсолутно не е точно она што е наведено во некои медиуми со она што е усвоено од страна на самата Комисија за заедничко чествување на Цар Самоил, вели Ѓорѓиев. 

Професорката Маја Ангеловска Панова вели дека доколку се дозволи промена на историските обележја од времето на Цар Самоул, тоа ќе значи ревидирање на македонската историографија. Тоа, според неа, е недозволиво бидејќи во иднина Софија ќе бара во Македонија да се претстави бугарската верзија на историјата.

-Несомнено е дека ова е преседат. Вакво нешто не постои во современите светски историографии на наметнување на нечиј наратив врз друг наратив. Така што, моето мислење е дека ова е едно агресивно однесување што не соодветствува со европските вредности, најмалку со вредностите што се применуваат во научно-истражувачката работа, вели професорката Маја Ангеловска Панова.

Бугарските медиуми претходно објавија дека ќе има промена во натписите на спомениците на Цар Самоил, како и на името на Самоиловата тврдина во Охрид.

Во однос на делот дека работата на историската комисија ќе биде внесена во преговарачката рамка, Ѓорѓиев вели дека Комисијата не смее да биде дел од политичките преговори, туку нејзината работа треба да биде паралелен процес. Комисијата не смее да биде ограничена со рокови бидејќи на тој начин историчарите би можеле да бидат условувани за постигнување решение со цел деблокирање на одредени процеси во преговорите со ЕУ.

-Во овој предлог кој се уште е објавен само во медиумите работата на Комисијата е поставена на едно многу високо ниво. Поставена е таму кадешто не и е местото и сметам дека тоа ќе ја оневозможи работата на Комисијата, вели Ѓорѓиев.

Бугарската агенција БГНЕС денеска објави дека поранешните шефови на дипломатиите Никола Димитров и Екатерина Захариева во 2019 година потпишале протокол со кој Гоце Делчев е прифатен да биде заедничка историска личност.