Македонија
25. November 2022 - 21:18

Историчарите не се договорија за Охридската Архиепископија - Бугарите бараат да биде континуитет на Бугарската патријаршија

Континуитетот на Охридската Архиепископија ги скара македонските и бугарските историчари. По два дена расправа нема договор за учебниците за седмо одделение поради барањето на бугарската страна за различно толкување на историографијата. 

Сител од свои извори дознава дека бугарските историчари инсистираат Охридската Архиепископија да биде претставена како континуитет на Бугарската патријаршија, по нејзиното укинување во 10 век. 

Нивните ставови коинцидираат со бугарската политика на контуниитетот кој се однесува и за Цар Самуил односно дека тоа било едно царство, со еден народ кој бил распространет се до Охрид и Преспа.

Копретседавачот од бугарска страна Ангел Димитров по средбата вели дека вината била кај македонските историчари. 

Македонските историчари пак инсистираат на фактот дека Охридската Архиеопископија како институција е формирана директно од Византија за време на владеењето на императорот Василиј Втори, односно по уништувањето на Самоиловото Царство. За македонските историчари Охридската архиепоскопија е директен продолжувач на делото и ликот на браќата Кирил и Методиј и нивните ученици Светите Климент и Наум. 

За разлика од бугарските историчари кои инсистираат на едно, бугарско толкување, македонските бараат секоја страна да го задржи своето толкување на историските факти. 

Следната средба треба да се случи на стартот на следната година во Софија, а темата за континуитетот на Охридската архиепископија останува точка на дневниот ред.