Македонија
13. October 2018 - 19:20

Источното црковно пеење се враќа во македонските цркви

Источното црковно пеење полека ама сигурно се враќа во македонските храмови, а верниците интуитивно го препознаваат. Ова е само еден од заклучоците од научниот симпозиум  на тема ,, Источно црковно пеење во Македонија,, кој се одржа во Струмица. Според доктор Јане Коџабашија кој во рамки на симпозиумот го промовираше и неговиот труд на истата тема враќањето на овој вид пеење е  многу важно бидејќи се работи за наше културно минато.

,, Верниците немаат никакви проблеми со вклучувањето во тоа црковно пеење. Го прифаќаат како исконски свое. Тоа е многу интересно и тоа ни дава за право дека сме на вистинскиот пат и дека тоа пеење, јас нема да предвидувам рокови кога, но порано или подоцна тоа ќе се врати сосема легитимно во нашето црковно литургиско секојдневие.,, вели Д-Р ЈАНЕ КОЏАБАШИЈА

Научниот симпозиум беше дел фестивалот посветен на Источно византиско  црковно пеење  кој веќе осум години се одржува во Струмица .

,, Наша примарна цел е негово враќање, негова реафирмација кај широките народни маси и тоа почнува да дава резултати затоа што ние гледаме дека публиката се зголемува, љубителите на ова црковно пеење се зголемуваат, хоровите стануваат се подобри и подобри.,, вели КИРЕ КОЗАРОВ - НУЦК АНТОН ПАНОВ - СТРУМИЦА

Годинава  на фестивалот кој се одржа во црквата посветенена на Светите 15 Тивериополски Свештено маченици во Струмица покрај хорот од градот домаќин учествуваа и градскиот женски хор Менада од Тетово и  камерниот хор Херувими од Скопје.