Македонија
13. April 2018 - 11:52

Источен петок - Балаклија одбележан во кумановско Бедиње

Голем број верници од поширокиот кумановски регион денеска ја посетија црквата Света Петка во кумановската населба Бедиње во чест на празникот Источен петок или Балаклија. Неколку стотици граѓани од градот и од соседните општини ја посетија црквата бидејќи на  овој ден се празнува обновувањето на храмот на Пресвета Богородица во Цариград, наречен Живоносен извор, поради чудотворниот извор со вода што се наоѓа во него и се спомнува за многуте чуда што се случиле во тој храм на Божјата Мајка.

- Источен петок Балаклија е поврзан со чудесата изврешни по молитвите на нашата владичица, прва застапничка пред Бога, Пресвета Богородица. Се слават сите нејзини чудеса, исцеленија што таа ги прави со нејзините молитви пред Господа. Како што знаеме Пресвета Богородица е наша најголема застапничка пред Бога, ја почитуваме како прва после Господ, повозвишена од ангелите затоа што нејзините молитви се навистина секогаш услишани што ги пренесува пред нејзинот син и нашиот Бог. Најважно е со вера да приоѓаме кон нејзината икона да ги пренесуваме нашите молитви и како што се пее во молитвите таа е непресушен извор на исцеленија и чудеса, објасни свештеникот Антонио Петрушевски.

Тој рече дека празникот не се определува според датум, туку секогаш се празнува во петокот по Велигден. Потенцираше дека средата и петокот од Светлата недела, односно по Велигден се јаде мрсна храна. Верниците се причестија, исекоа колач, запалија свеќи и се помолија за здравје и среќа. Митрополитот кумановско-осоговски Јосиф вчера во Света Петка, служеше вечерна богослужба.