Бизнис
31. March 2016 - 11:03

Истекува рокот за доставување барања за легализација на дивоградбите

Граѓаните заклучно до денеска можат да достават барање за легализација на диво изградените објекти. 

Со последните измени на Законот за третман на бесправно изградени објекти се овозможи до 31 март да се поднесе барање за легализација до општините. Услов е објектот што е предмет на легализација да е изграден заклучно со 3 март 2011 година. За новоподнесените барања е определен рок за доставување геодетски елаборати до крајот на наредната година. Барања за легализација заклучно до денеска ќе може да поднесат и компаниите што имаат инфраструктурни објекти, оптички, бакарни кабли, водоводи и друга инфраструктура.

Согласно законските измени, до крајот на годинава е пролонгиран рокот за доставување геодетски елаборати за барањата за легализација поднесени во 2011 година. Со тоа, според Министерството за транспорт и врски, би се комплетирала документацијата и општините ќе може да ги решат предметите.

Пролонгирањето на рокот за доставување геодетски елаборат за една година беше направено со цел на граѓаните да им се остави простор да имаат време за достава на елаборатите кои се клучен документ во процесот на легализација, а на геодетските фирми полесно да ја вршат работата бидејќи со претходниот рок немаат доволно време да ги изработат сите поднесени барања.

Се уште трае и можноста за социјално ранливите категории да добијат бесплатни елаборати. Досега се изработени 5.300 вакви елаборати за оваа категорија на граѓани.

Министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски вчера информираше дека досега се доставени 50 илјади нови барања за легализација, а најмногу нови барања има во поголемите општини како Гостивар, Струмица, Куманово, Охрид... 

Од почетокот на процесот на легализација што почна во 2011 година досега правен статус добија над 147.000 нелегално изградени објекти. Во меѓувреме во општините продолжува доделувањето на новоизготвените решенија. 

Во претходниот рок, од 2 март до 3 септември 2011 година, беа доставени 360.000 барања за легализација на дивогради.