Балкан
27. August 2016 - 18:28

Исповед на родителите на загинатото дете: Ги дониравме органите за други да не ја почувствуваат нашата болка

Јосип и Габријела Миоч, родителите на шестгодишната Божана која во сплитската болница им подлегна на повредите здобиени во сообраќајка, при што како пешак во неа удри со автомобил пијан возач во Томиславград, и покрај големата загуба се одлучија на чекор кој предизвика восхит.

Откако им беше соопштено дека нивното девојче ја изгуби битката со животот, тие ја донесоа најхуманата одлука, да ги подарат нејзините органи и така да спасат други животи.

Оваа приказна за најголемата трагедија од една, и необичната несебичност на родителите од друга страна, трогна многу луѓе.

Мајката на Божана, Габријела иако скршена од тага, раскажа дека таа секогаш на сите им говорела, дека ако нешто и се случи, да ги даруваат нејзините органи.

И кога се соочи со загубата на детето, ниту секунда не се двоумела во одлуката што ја донесла.

-Секогаш би го направила тоа. Во тој момент како Бог да ти вели дека твоето дете ќе продолжи да живее во други деца и луѓе и дека така тие ќе бидат спасени. Знаевме дека е предоцна за нашата Божана, дека ништо повеќе не може да се направи, но нејзините органи беа здрави.

-Сакавме да им помогнеме на другите деца, за нивните родители да не ја доживеат најголеамта болка на една мајка и татко, а тоа е загубата на своето чедо, која сега нас не боли. И рековме „нека преживеат други деца“, вели Габријела во чиј, и покрај тоа што завчера го погреба саканото дете, се чувствува гордост додека тоа го говори.

Божана на еден требаше да тргне во училиште во прво одделение. Родителите за својата мала принцеза купија нови чевли, но таа за жал, не стигна да ги облече.

-Жал ми е што не ги облече. Никогаш човек не би помислил дека вакво нешто ќе се случи. Божана со своите 6 години направи нешто толку големо, што некој човек цел живот не би можел. Велат дека со нејзините органи се спасени 4 животи.

Два органи се дадени во Германија, а два во Хрватска. Не ни се јави никој од семејствата чии најмили ги спасивме. Бог ќе одреди дали и кога ќе се јават, вели Габријела.

Јосип и Габријела имаат уштре три девојчиња, а Габријела е бремена и со петтото дете и повторно носи девојче. Вели дека кога ќе се роди ќе ја крстат Божана.