Бизнис
5. February 2020 - 16:38

Исплатени субвенциите за производителите на градинарски култури

Државата им исплати нешто над 4 милиони евра субвенции на речиси 12 илјади производители на домати, пиперки и краставици. Дополнително по 3 денари за килограм ќе добијат земјоделците кои своите градинарски култури ќе ги предадат на  преработувачките капацитети. Министерот за земјоделие вели дека парите се  исплатени во вистински момент, кога треба да набават материјали за овогодинешната реколта. За поголемо производство, олеснети се и критериумите за аплицирање за државна помош

- За да придонесеме кон развојот на оваа гранка, ги олеснивме критериумите, односно засадената површина се пријавува збирно за сите градинарски култури. За градинарството во годинешната програма за финансиска поддршка на земјоделството останува дополнителната субвенција од 3 денари за предадени градинарски производи во преработувачки капацитети“, изјави министерот Трајан Димковски.

Се преземаат мерки и за обезбедување сигурен откуп и пласман за земјоделските производи. За модернизација на овој сектор Светска банка одобри 46 милиони евра, од кои со 32 милиони ќе се градат  3 откупно дистрибутивни центри во Скопје, Струмица и Ресен. Се очекува овие центри да бидат готови за 5 години.