Македонија
14. February 2017 - 15:24

Исплатени околу 46.24 проценти од парите за откупеното грозје

До почетокот на овој месец, околу 46.24 проценти од парите за откупеното грозје се исплатени, за ова денеска новинарите беа информирани од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, за време на симболичното закројување винови лози, во чест на Свети Трифун. 

- Дваесет и седум проценти од грозјето било исплатено во рок од седум дена по откупот, со искористување на законската можност за исплата на денар помалку по килограм во таков случај, ни појаснија од Министерството. 

Минатата година беа откупени околу 140 милиони килограми винско грозје. Смедеревката се откупуваше по 11 денари за килограм со 17 и 18 шеќерни единици, а вранецот по 13 денари за килограм со 19 и 20 шеќерни единици. Од вкупно 75 винарници, откуп на грозје вршеле 50.

Од Mинистерството ја добивме и информацијата дека во 2016 година бил регистриран зголемен извоз на наливно вино во Европската Унија за 55 проценти во однос на 2015 година. Стопроцентно  била исполнета и квотата за флаширано вино. Извозот на ова вино во 2016 година  бил зголемен за седум отсто, споредено со 2015 година. 

По исплатата на првичните дваесет, заклучно со утрешниот ден на лозарите треба да им бидат исплатени уште четириесет проценти од парите за продаденото грозје, или втората рата од исплатата.