Свет
15. January 2017 - 20:21

Исламската коалиција на Саудиска Арабија сака да се приклучи кон предводената од САД антиџихадистичка коалиција

Воената коалиција на арапски и муслимански земји, формирана од Саудиска Арабија, е подготвена да ги обедини напорите со предводената од САД коалиција во борбата против терористичката група „Исламска држава" во Сирија и Ирак. Ова денеска во етерот на телевизија „Скај њуз - Арабија" изјави советникот на министерот за одбрана на Кралството, генерал Ахмед Асири, пренесува ТАСС.

Според него „следната фаза за Исламската воена коалиција ќе биде помагање во ликвидирањето на `Исламска држава` во Рака и Мосул“, последните бастиони во Сирија и Ирак под контрола на екстремистите.

Асири ова го изјави, во период кога денеска во Ријад се одржува средба на генералштабовите на 14 земји кои учествуваат во коалицијата, предводена од Вашингтон.

Саудиска Арабија најави создавање на Исламската воена коалиција на 15 декември 2015 година. Во составот на воениот блок, создаден за борба против „Исламска држава" и светскиот тероризам, учествуваат 34 муслимански земји.