Бизнис
23. January 2017 - 12:55

Искористени над 10 милиони евра од програмата за прекугранична соработка со Грција

Искористеноста на финансиските средства од ИПА програмата за прекуграничната соработка меѓу Македонија и Грција за периодот 2007-2013 година изнесува 82 проценти, со спроведени 57 проекти со вкупна вредност од над 10 милиони евра.

Тоа беше посочено на денешната завршна конференција за претставување на резултатите на ИПА Програмата за прекугранична соработка меѓу Македонија и Грција 2007-2013, организирана од Министерството за локална самоуправа во соработка со Делегацијата на Европската Унија во Скопје.

Министерката за локална самоуправа Ширет Елези, рече дека за програмата биле алоцирани 31,5 милиони евра за финансирање на заеднички прекугранични активности во пет региони во Грција и четири региони во Македонија.

- За Македонија на располагање беа 11,5 милиони евра со кои се финансираа проекти во Југозападниот, Пелагонискиот, Вардарскиот и Југоисточниот регион. Имплементирани се вкупно 57 проекти, за кои се алоцирани над десет милиони евра за македонските партнери. Од досега одобрените финални проекти може да се види дека искористеноста на средствата на ниво на програмата изнесува над 82 проценти, изјави Елези.

Посочи дека со активностите од програмата се изградени инфраструктурни објекти во прекуграничната зона, овозможена е заштита на заедничкото природно и културно наследство, обезбедување на поволни здравствени и едукативни услуги, овозможување на подобри услови за заеднички бизнис работење и вмрежување, како и заеднички културни и спортски настани.

Шефот на делегацијата на Европска Унија во Македонија Самуел Жбогар, изјави дека прекуграничната соработка е во сржта на процесот на интеграција и претставува тимска работа што ги надминува границите на земјите и гарантира политичка стабилност и просперитет на целиот регион.

- Прекуграничната соработка носи и збогатување на меѓусоседските односи. Ова партнерство продолжува и понатаму со ИПА 2 програмата за периодот 2014-2020 година. Предизвиците со кои се соочуваат луѓето не се ограничнени со границите и програмите за прекугранична соработка се еден од начините за справување со нив, рече Жбогар.

Претставникот на управувачкото тело од Грција Александрос Самарас, рече дека целта е градење и зајакнување на меѓусоседските односи од двете страни на границата  и дека програмата покажала и ќе продолжи да биде вреден инструмент за решавање на проблемите на регионални ниво, како и за врмежување на институциите и корисниците од двете земји.

- Конкретните проекти што се засноваат на силно партнерство се суштински за постигнување на целите за регионален и локален развој, зголемување на атрактивноста и конкурентноста на областа и ќе го подобрат квалитетот на животот на луѓето. Верувам во нашата соработка и имаме многу позитивни очекувања од нашите проект партнери во следниот период, изјави Самарас.

Министерството за локална самоуправа управува со спроведувањето на Програмите за прекугранична соработка со сите соседни држави во чии рамки од страна на ЕУ се ставени на располагање нови 100 милиони евра. Министерката Елези посочи дека со новата ИПА 2 прекугранична програма со Грција на располагање се 40 милиони евра.