Македонија
13. March 2016 - 18:21

Исчистен мостот на Вардар кај Башино Село пред влезот на Велес

Денеска со интервенција на механизација што ја ангажира Општина Велес, а поради непрекинатите обилни дождови кои носеа  поголеми кочичества на  дрва и гранки низводно по Вардар,  исчистен е мостот кај Башино Село пред влезот на Велес.

Како што информира за МИА Блажо Донев од Центарот за справување со кризи на Велес, со ова е отстранета опасноста од излевање на Вардар и опасноста од уривање на мостот, која е еден од приодите кон Велес.
 
- Механизација ангажирана од Општина Велес е постојано  кај мостот на Вардар кај Башино Село, а  поради опасноста по конструкцијата на мостот и негово уривање од поголеми наносина дрва, екипите  веднаш реагираа на чистење на мостот. Поради наноси од дрва и гранки и непрекинатиот дожд овој мост беше чистен и во текот на ноќта, информира Донев.
 
Според информацијата од Центарот за справување на кризи и покрај дождовите нивото на Вардар кај Мало Мовче во Велес споредено со изминатиот петок кога беше на криточна точка, денеска е малку опаднато и изнесува 210 сантиметри и засега нема опасност од излевање.
 
Но, надлежните од Општина Велес и Кризниот штаб будно ја следат состојбата и викендов интервенираа на Вардар кај населбата Речани каде што беа поставени заштитни вреќи со песок, со цел да се спречи излевањето на Вардар и поплававувањето на куќите и викендиците во овој реон, информира Донев.
 
Посочи дека нивото на Вардар кај Демир Капија денеска изнесува 338 сантиметри по вчерашните високи 344 сантиметри. И покрај зголемениот водостој на Вардар  и вчера и денеска немаше излевање на реката, вели Донев.
 
Денеска со интервенција на механизација ангажирана од Општина Неготино, а  поради зголемениот водостој и наносите на дрва и гранки, се чисти и мостот на Вардар кај Пепелиште.