Живот
15. September 2019 - 21:34

Исчезна златна ВЦ школка: Крадци упаднаа во британска палата и украдоа експонат вреден 5 милиони долари

Крадци украле целосно функционална ВЦ школка од 18-каратно злато од британската палата Бленам, каде била изложена како уметничко дело, соопшти денеска полицијата.

Тоалетната школка, вредна повеќе од 5 милиони долари, била дел од изложбата на италијанскиот концептуален уметник Маурисио Кателан која е отворена пред два дена во величествената палата околу 100 километри западно од Лондон, пренесува Ројтерс.

Школката наречена „Америка“, претходно беше изложена во импровизиран тоалет во њујоршкиот музеј Гугенхајм каде над 100.000 посетители можеа да ја користат.

Крадците со најмалку две возила провалиле во палатата, родното место на славниот британски премиер од времето на Втората светска војна, Винстон Черчил, и ја украле школката нешто пред 17 часот, соопшти полицијата од Долината на Темза.

„Бидејќи шолјата била поврзана со цевките во зградата тоа предизвикало значајна штета и поплава“, изјави инспекторката Џес Милн.

Полицијата соопшти дека уапсила 66-годишен маж под сомнение дека е вмешан во кражбата, но не го поврати уметничкото дело.