Бизнис
11. August 2015 - 16:08

Ирскиот гигант за софтверски решенија Баракуда ФХ ќе инвестира во Македонија

Ирскиот гигант за софтеврски решенија Баракуда Еф Икс ќе инвестира во Македонија. Одлуката за влез компанијата  ја објави  на својата веб страна.

-Одлучивме да ги прошириме своите активности во Македонија, која има многу талентирани технолошки професионалци кои ќе ни помогнат за раст и развој на нашето глобално работење. Исто така, Македонија има многу добра клима за водење бизнис, па затоа се радуваме на долг и просперитетен однос, изјави основачот и извршиниот директор на Баракуда,  Киран Фитџпатрик.

Поддршката од Владата, упорната работа и заложбите на вицепремиерот Пешевски и в.д. директорот на Агенцијата за странски инвестиции Шекеровски биле пресудни да ја одберат Македонија во конкуренција на повеќе земји.

Активностите за отворање центар за истражување и развој во Македонија, ирската компанија ќе ги почне наскоро. Тоа ќе значи добра можност за вработување, обука и доусовршување на домашен кадар од информатичките науки.

Според вицепремиерот Пешевски задоволството од успехот да се привлече ваква респектабилна компанија која доаѓа од земја која што е успешен пример за привлекување на странски инвестиции е огромен и е последица на макотрпна работа, низа владини реформски проекти и континуиран ангажман за креирање севкупен поволен деловен амбиент во Македонија и негување долгорочно партнерство со бизнис заедницата.

Основана во Даблин во 2009 та година, Баракуда  испорачува софтверски  услуги за најреномираните светски банки и финансиски институции. Носител е на најпрестижните интернационални награди и признанија за достигнувањата во својата област. Шекеровски се надева дека влезот на Баракуда ќе биде поттик и други ирски компании да ја изберат Македонија за своја инвестициска дестинација.