Свет
20. јуни 2016 - 11:26

Иранските власти спречиле голем терористички заговор во Техеран

Иранската разузнавачка служба го спречи најголемиот терористички заговор организиран досега против Техеран и други ирански провинции, објави денеска иранската државна телевизија. 

Според информациите од иранското Министерство за разузнавање, уапсени се неколкумина осомничени и запленети се муниција и бомби. 

Имињата на приведените не се објавени, но во соопштението тие се наречени „такфири“, како што на арапски, навредливо, се нарелуваат радикалните сунити, кои ги сметаат другите муслимани за неверници. 

Властите на шиитски Иран често ги нарекуваат „такфири“ и приврзаниците на сунитската радикална група Исламска држава (ИД), но не е јасно дали во случајов станува збор за членови на ИД, која контролира територии во Ирак и Сирија. 

Иран им помага на владите на Сирија и на Ирак во борбата против ИД, и веќе ги предупредил дека може да има напад од екстремистите на нивните територии.