Свет
11. January 2020 - 21:10

Иранците поради катастрофална грешка урнаа украински авион - Зеленски: Вистината не може да се сокрие

Откритијата на украинските експерти во Иран покажуваат дека вистината за соборувањето на украинскиот авион не може да се сокрие, изјави денеска украинскиот претседател Володимир Зеленски во телевизиското обраќање.

Тој соопшти дека со иранскиот колега Хасан Рохани го договорил почетокот на заедничката работа на декодирањето на црните кутии.

Апелираше до меѓународните партнери на Украина да бидат обединети и упорни додека не се комплетира истрагата, пренесува Ројтерс.

Иран денеска призна дека војската на таа земја поради „катастрофална грешка испукала проектил врз украинскиот авион, при што загинаа 176 патници и членови на посадата.

Иранските вооружени сили наведоа дека авионот го замениле со непријателска мета во време на состојба на подготвеност по нападите на иранските балистички ракети на две воени бази во Ирак, во кои се стационирани американските војници.

Тој напад бил одмазда поради убиството на иранскиот врховен генерал Касим Сулејамни кој загина во американски воздушен напад во Багдад.