Свет
17. July 2015 - 9:13

Иран останува под закана од санкции и во следните 15 години

Иран ќе продолжи да биде под закана од повторно воведување на меѓународни санкции и во следните 15 години, се наведува во писмото испратено до ОН од страна на шесте светски сили кои склучија договор со Техеран за неговата нуклеарна програма.

Важноста на договорот е 10 години и предвидува укинување на санкциите во замена за гаранции дека Иран нема да произведе атомска бомба. Но тој вклучува и механизам за речиси автоматско враќање на санкциите доколку Иран не ги исполни своите обврски.

Според писмото од 14 јули, САД, Кина, Русија, Франција, Велика Британија и Германија се согласиле да го продолжат рокот на овој механизам за пет години по завршување на дејството на договорот од Виена.

Се очекува во следните денови Советот за безбедност на ОН да усвои резолуција за поддршка на договорот од Виена, која ќе го отвори патот кон постепено укинување на санкциите против Техеран.