Македонија
9. January 2020 - 8:37

Иран изврши „контролиран“ напад за да не предизвика разурнувачки одговор од САД

Иран вчера истрела повеќе балистички ракети врз две воени бази во Ирак, во кои се стационирани американски војници, а Иранската револуционерна гарда презеде одговорност за нападот, истакнувајќи дека тоа е одмазда за убиството на командантот на единицата Кудс, Касим Сулејмани.

Нападот се случи само неколку часа откако беше погребан генерал Сулејмани, кој беше убиен при американски воздушен напад во петокот во Багдад.

Различни информации, во зависност од која страна беа пласирани, имаше за бројот на истрелани ракети врз базите Ајн ел Асад и Ирбил, а Техеран тврдеше и дека за време на нападот загинале 80 „американски терористи“.

Пентагон потврди дека се нападнати две бази во Ирак, а ракетите биле лансирани од територијата на Иран.

Американскиот претседател Доналд Трамп во вчерашното обраќање наведе дека иранските ракети предизвикале минимална штета и оти нема американски или ирачки жртви. Според него, жртвите биле избегнати преку системот за рано предупредување.

Претходно, „Блумберг“ повикувајќи се на неименувани американски официјални претставници објави дека Иран најверојатно сакал да избегне американски жртви, па така ракетите испукани како одмазда за убиството на генералот Сулејмани, погодиле песочни дини околу базата на Ајн ел Асад.

„Блумберг“ исто така цитираше неименуван извор од Белата куќа, кој оцени дека Иранците сакале одмазднички напад, но на начин што нема да предизвика разурнувачки одговор на САД.

Додека иранскиот министер за одбрана Амир Хатами изјави дека САД добиле лекција за памтење.

– Користевме ракети со краток дострел… Се надевам дека тоа ќе биде лекција за паметење за Америка, истакна Хатами за иранската државна телевизија, алудирајќи на иранскиот ракетен напад врз две бази во Ирак, што ги користат американските војници.

Тој предупреди дека одговорот на Иран на евентуална одмазда на САД ќе биде „пропорционална на тоа што Америка ќе го направи“.

Додека шефот на иранската дипломатија Џавад Зариф изјави дека ракетниот напад врз американски цели во Ирак се „легитимна самоодбрана“.

– Нашата акција е легитимна самоодбрана и САД би требало да ги избегнуваат процените засновани врз илузии, наведе Зариф.

Тој претходно на Твитер напиша дека Иран презел пропорционални мерки во самоодбрана во согласност со членот 51 од Повелбата на Обединети нации врз базите од каде е преземен „кукавичкиот напад“ врз ирански државјани.

– Не сакаме ескалација или војна, но ќе се браниме од агресијата, напиша напиша Зариф на Твитер.

Нападот врз ирачките бази каде се стационирани американски војници за сега предизвика само нови американски санкции кон Иран.

– Како одговор на иранската агресија, САД веднаш ќе воведат дополнителни економски санкции за иранскиот режим. Рацете на Сулејмани беа натопени во крв, и од Американците и од Иранците. Требаше да се отстрани многу одамна. САД веднаш ќе наметнат дополнителни казнени санкции за иранскиот режим. Тие ќе останат додека Иран не ја промени своето однесување. Долго време, државите го толерираа деструктивното и дестабилизирачко однесување на Иран – тие денови завршија, наведе Трамп.

Тој, исто така наведе дека американските сили се подготвени за се, но засега се чини дека Иран се повлекува.

– Изгледа дека Иран се повлекува, што е добро за сите страни и многу добра работа за светот, истакна Трамп.