Свет
4. May 2016 - 12:01

Ирачкото секојдневие на бегалците

Дојче веле - Бон

Во ирачката провинција Анбар борбите не престануваат. Се повеќе жители преку Еуфрат бегаат пред џихадистите на т.н. Исламска држава. Во бегалските кампови има се повеќе проблеми, а се помалку вода.

Луѓето кои од главниот град на Ирак, Багдад, сакаат да дојдат до Рамади, мора да појдат по заобиколен пат. Имено, само неколку километри од западниот дел на Багдад почнува подрачјето на „калифатот‟, кој е под контрола на ИСИС. Патот кој води директно до Рамади е непрооден за тие кои не сакаат да паднат во рацете на „џихадистите‟.

Машинскиот инжинер Назахр Гази станал многу рано. „Ако не се извлечете на време од Багдад, тогаш ќе се најдете во голема гужва на патот‟ - вели овој Ирачанец кој веќе пет години работи за една невладина организација од Германија и кој се грижи за своите сограѓани во провинцијата Анбар.

Гази е на пат кон мостот Бзебиз преку Еуфрат. Овој мост стана светски познат кога покрај него минатата година се најдоа илјадници бегалци од Рамади кои бегаа пред припадниците на ИСИС. ИСИС тогаш го зазема овој град, кој е и седиште на власта во провинцијата Анбар.

Враќање во Рамади

По два месеца откако ирачките сили го ослободија овој град, првите жители почнаа да се враќаат дома. Од почетокот на март таму се вратиле околу 71.000 од поранешните 280.000 жители, наведе Меѓународната организација за миграции (IOM). Меѓутоа, состојбата на мостот Бзебиз преку Еуфрат не е ништо подобра. Напротив. Следејќи го бегалскиот бран од провинцијата веќе тргна кон мостот.

Од вкупно 3,4 милиони бегалци кои се наоѓаат внатре во границите на Ирак, околу 43 отсто стигнуваат од провинцијата Анбар. Само во текот на март своите куќи ги напуштија 50.000 луѓе. ИОМ наведе дека дури 30.000 луѓе побегнале изминатите денови од градот Хеет, кој се наоѓа западно од Рамади. Таму повторно се разгореа жестоки борби меѓу ирачката војска и припадниците на ИСИС.

Против ИСИС моментално во тек се две офанзиви кои ги изведува ирачката војска во соработка со некои полиции и меѓународната антитерористичка коалиција. Една се води околу Рамади, а другата во регионот Салах ад-Дин, во близина на градовите Самара и Тикрит. Мостот Бзебиз преку Еуфрат поради тоа игра многу важна стратешка улога. Провизорната понтонска конструкција е граница меѓу провинцијата Анбар и Багдад. Другиот, стабилен мост е во изградба.

Контрола над животот и смртта

Мостот во насока на Багдад може да го помине само тој кој има специјална пропусница или доказ дека има „спонзор‟. Назахр Газу смее да го помине откако ќе покаже дека е соработник на програмата за обнова RIRP (Rebuild Iraq Recruitment Program). Германската влада ја финансира неговата организација која на бегалците од другата страна на мостот Бзебиз дели вода.

Во ОН се загрижени поради состојбата во Анбар. „Илјадници граѓани кои со месеци биле во опколениот град Хеет, сега се обидуваат да се префрлат на безбедно‟ - вели Лисе Гранде, координаторка во ОН за достава на хуманитарна помош. „Уште немаме непречен пристап до тие луѓе и загрижени сме за нивната безбедност‟. Многу семејства заштита побараа во преполните и импровизирани бегалски кампови покрај мостот и во блиските градови.

Назахр Гази потекнува од Хеет. Семејната куќа на овој 27 годишен Ирачанец, пред една година екстремистите од ИСИС ја направиле за својата команда. Дознал дека неговата куќа сега е на слободна територија. Сепак, состојбата во регионот не е безбедна и не може да се контролира.

Од другата страна на мостот веќе од далеку се гледа „бел логор‟. „Ова беше првиот бегалски камп во близина на мостот Бзебиз во кој беа подигнати бели шатори‟ - објаснува Назахр Гази. Пред една година тука беа сместени првите бегалци од Рамади, 1500 од нив.

Гази и RIRP биле меѓу тие кои го подигнале кампот. Во рок од шест месеци изградени се 10 постројки за пречистување на водата, три во Хабани, шест во околината на Америат ал-Фалуџа и една во „белиот логор‟. Гази и неговите колеги ископале бунари и поставиле уреди.

Чиста вода и недоволно храна

„Секоја од овие постројки моментално работи со полн капацитет‟ - вели тој. На бегалците дневно се делат 20.500 литри вода. Германската влада го поддржува снабдувањето на луѓето со вода и за таа цел издвои половина милион евра. „Тоа сепак не е доволно, бидејќи доаѓаат се повеќе и повеќе луѓе‟ - наведува ова момче. Освен тоа постои желба водата да се достави и на луѓе кои не се наоѓаат во камповите.

Тие кои добиваат вода, ги ценат овие напори. „Благодарни сме што имаме чиста вода‟ - вели една жена со канистер во рака и стои во ред пред големата цистерна. „На почетокот водата се доставуваше во камиони и често беше матна и нечиста‟ - вели еден човк кој исто така стои во редот. Многумина од оваа вода се разболуваа.

Без оглед на тоа што вода сега има доволно, состојбата во кампот се уште е критична. „Кога се друго би било како со водата...‟ - се жали едно момче. Порциите со храна се многу мали и не се поделува исто на сите. Шаторите се премногу мали за толкав број на луѓе. Ова момче и не размислува да се врати во Рамади. „Војната против ИСИС уште не е завршена, а јас не сакам да се најдам во состојба во која повторно ќе морам да бегам‟.