Свет
4. March 2016 - 10:17

Ирачката војска е раширена на многу фронтови

Ал Џезира - Доха

Ирачките воени лидери сметаат дека најновите напади на групата Исламска држава Ирак и Левант (ИСИС) во Багдад и во пошироката околина можеби претставува показател на исцрпеност на ирачките сили, бидејќи се распоредени на голем регион по успехот да ја повратат контролата над градовите како што се Бајл и Рамади. 

ИСИС пред неколку дена покрена ненадејни напади на подрачјето Абу Граиб, западно од Багдад, при што успева да ја преземе контролата над воените локации и магацинот за жито за само неколку часа. Во нападот биле убиени 24 припадници на ирачките сили за безбедност. Ирачките команданти на терен сметаат дека напаѓачите тргнале од градот Фалуџа (50 км западно од Багдад) кој се наоѓа под контрола на ИСИС уште од почетокот на 2014 година, како и од блискиот град Карма.

Покрај ненадејните напади на милитантите на ИСИС на подрачјето на Абу Граиб недалеку од Меѓународниот аеродром во Багдад, силна експлозија го погоди и градот Ал Садр оставајќи зад себе над 70 загинати.

Ирачките команданти на терен сметаат дека настојувањата на ирачката влада да го врати градот Мосул, кој се наоѓа под контрола на ИСИС уште од месец јули 2014 година, спречува воспоставување на силна контрола над освоените подрачја на северната и источната периферија на градот Рамади (110 км западно од Багдад).

Ирачката влада неодамна најави праќање на сто војници во местото Макхмур во рамки на тековните подготовки за покренување на можна воена акција за враќање на Мосул во соработка со силите на покраината на Ирачки Курдистан и меѓународната коалиција која ја предводат Соединетите Американски Држави.

Дисперзија на воените сили и слабење на фронтовите

Ирачките команданти велат дека раштрканоста на силите на теренот, наместо фокусираност на јакнење на териториите кои се освоени во Рамади, дозволува на борците на ИСИ повторно групирање и продолжување на праќање на оружје во правец на Фалуџа и Кармахан од кои е покренат последниот напад на Абу Граиб.

Во тој контекст еден од офицерите од Рамади го изрази своето незадоволство поради повлекувањето на силите за борба против тероризмот од градот и нивно распоредување на други позиции, додека наместо нив се регрутирани помалку ефикасни сили. Офицерот вели дека на силите во Рамади сега им треба засилување за да ги пополнат празнините настанати по повлекувањето на силите за борба против тероризмот.

Еден од командантите на терен исто така наведува дека намалувањето на темпото на воените операции во Рамади, откако е вратена контролата над поголем дел од неговата територија во изминатите два месеца, дава прилика на борците на ИСИС да се одморат и повторно да ги групираат своите сили. Нападот на Абу Граиб, како и другите напади на Багдад, покренаа прашања за безбедноста во главниот ирачки град во кој живеат 4 милиони жители, како и за способноста на владата на Хаидер ал-Абди да ја води битката за враќање на Мосул оваа година, а притоа да не дозволи ИСИС повторно да ги освои подрачјата кои ги изгуби во изминатите месеци во провинциите Салахудин, Анбар и Дијала.

Фалех ал-Исави, заменик шеф на покраинскиот совет во провинцијата Анбар, вели дека нападот на Абу Граиб треба да биде предупредување до владата повторно да ги преиспита мерките за безбедност за главниот град. Тој додаде дека фактот дека ИСИС ја држи контролата над подрачје кое се наоѓа на само 15 км оддалеченост од Багдад значи дека постои сериозна безбедносна закана.

Наспроти обвинувањата на некои команданти за раширеноста на ирачките сили по многубројни фронтови, ирачкиот воен портпарол бригадирот Јахја Расул смета дека Ирак има доволно сили за борба на повеќе фронтови.

Од своја страна, Кристофер Гарвер, офицер на американската војска и портпарол на коалицијата, вели дека одбивањето на нападите во Абу Граиб е показател за успеј кој го оствариле коалицијата и Ирачаните во спречување на ИСИС да реализира големи акции за достава на резерви и маневрирање. Гравер додава дека „ирачката војска сега ја држи контролата над своите позиции, па дури и ако изврши тактичко повлекување, како што видовме на неколку наврати, во состојба е повторно да ја врати контролата над тие територии‟.