Бизнис
23. August 2017 - 17:07

ИПАРД 1 програмата со најмала искористеност од ИПА фондовите на ЕУ

Земјоделците не искористиле близу 50 милиони евра од ИПАРД 1 програмата. Се работи за неповратни средства кои можеле да се инвестираат во модернизација на производството .Според надлежните, искористеноста на парите од оваа компонента од ИПА фондовите е поразителна. Како причини ги наведуваат малиот број на апликации поради немањето  средства за кофинансирање па се до спората евалуација од страна на агенциите.

- „Средствата од ИПАРД 2007-2013, наменети за рурален развој и унапредување на земјоделство, како една од компонентите од ИПА, имаат најмал степен на искористеност на средствата. Од вкупно 67.7 милиони евра, договори се склучени само за 18,1 милион евра, а исплатени уште помалку, 11,1 милион евра. Со тоа степенот на искористеност на овие средства е само 27% што е поразително.“ – изјави Османи при посетата.

Еден од успешно реализираните проекти со парите од ИПА фондовите е државната Фитосанитарна лабораторија. Со 2 милиони евра е набавена најсовремена опрема за анализа на остатоци од пестициди. Министерот Николовски најави нови мерки за поголема искористеност на европските пари.

- Зборувавме за зголемување на капацитетите на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството, за отстранување на административните пречки, за вовоедување на нови гарантни шеми и фондови кои што ќе бидат во функција на кофинансирање на самите апликанти и акредитација на новите мерки во рамки на програмите со цел зголемување на парите инвестирани во македонското земјоделство, изјави Николовски.

Во однос на несиплатените субвенции за кои се жалат земјоделците Николовски изјави дека се работи на решенијата за доисплата на 10 милиони евра субвенции од минатата година. За заостанатите субвенции од 2014 и 2015 рече дека стотици земјодлеци имаат извршни  правосилни решенија, но допрва ќе се прават анализи зошто не ги добиле парите.