Бизнис
22. February 2016 - 19:46

Инвестициски самит на ЕБРД: Грант од 12 милиони евра за Македонија за далноводот кон Албанија

Македонија ќе добие грант од 12 милиони евра од Европската унија за енергетското поврзување со Албанија. Унијата ја потврдила намерата да ја поддржи изградбата на прв интерконентивен далновод меѓу двете земји во рамки на инвестицискиот самит за Западен Балкан во организација на ЕБРД.

Со средствата кои ќе се пласираат преку ИПА фондовите ќе се подобри ефикасноста на мрежата на МЕПСО и воопшто поврзаноста на регионот на Западен Балкан.

Во изградбата на далноводот меѓу Македонија и Албанија учестува и ЕБРД со заем од 37 милиони евра со цел да поголемо интегрирање на пазарите на енергија во регионот и како дел од воспоставувањето на коридор за пренос на електрична енергија меѓу Бугарија, Македонија, Црна Гора, Албанија и Италија со подводен кабел.

На инвестицискиот самит Западниот Балкан беше оценет како дестинација со значајни предности за инвеститорите, со образована работна сила и искусни претприемачи.

Пречка за инвестициите е недостигот од финансирање на крупни проекти и можностите за обезбедување на истиот се гледа во капитал од земји како Кина, која неодамна стана членка на Европската банка за обнова и развој.

Во рамки на самитот словенечката и српската берза се приклучија на новата берзанска платформа на која учестуваат и берзите од Македонија, Бугарија и Хрватска.