Бизнис
10. September 2019 - 19:29

Инвестицијата во ,,Белене‘‘ може да замени енергија од еден блок на РЕК Битола

До максимум 200 мегавати електрична енергија државата ќе може да искористи доколку влезе во проектот на нуклеарната електрана „Белене“, што е еквивалент на еден блок во РЕК Битола. Државата преку АД ЕСМ ќе се обиде да влезе со малцински акционерски капитал со можност да откупи базна енергија до 10 отсто. Според проекцијата „Белене“ ќе произведува 2.000 мегавати.

-Во моментот ги немаме точните проценки, но од она оквирно ако се кажува дека можеби би стигнала цената и до 20 милијарди евра, максимум би можеле до 2 милијарди евра. Тука мора да се земе предвид дека тие имале неколку неуспешни обиди за таа нуклеарна електрана и треба да се направи точна проценка колку ќе чини таа електрана и колку би учествувале, вели директорот на ЕСМ, Васко Ковачески.

Со оглед на тоа што Македонија е зависна од увоз на електрична енергија, приоритет на државата е откупот на струја за да може да се задоволат потребите.

-Ќе почнеме разговори со другата страна за да може нашиот дел од инвестицијата да биде и „0“ ако најдеме заедничко решение за ние да покажеме дека како држава ќе купуваме 10 отсто од произведената електрична енергија во „Белене“ имајќи во предвид дека увезуваме над 20 отсто од потребите за струја, рече министерот за економија, Крешник Бектеши.

Според проекциите, електраната ќе треба да се гради 10 години. Како проект постои веќе 40 години, но неколку пати досега бил одлаган, па е рестартиран во 2008. година.