Бизнис
18. October 2024 - 16:32

Инвестициите и општинските капитални проекти ќе го зголемат економскиот раст

Влезот на нови германски инвестиции и стартот на капиталните проекти на општините ќе го подигнат економскиот раст. Премиерот Мицкоски е оптимист – економијата годинава ќе заврши со подобри бројки од оние кои ги предвидува Светска банка. 

Раздвижување се очекува во 3 и 4 квартал, кога ќе се реализира и инвестицијата од 400 милиони евра, за изградба на ветерниот парк кај Куманово, Ранковце, Крива Паланка и Старо Нагоричане.

Порастот на БДП, согласно сегашните параметри, очекувам да биде меѓу прогнозите на ММФ и Светска банка или еден од подобрите во регионот или Европа, но да го почекаме декември кога излегуваат бројките за третиот квартал. Сепак, очекувам во третиот и четвртиот квартал растот да биде над три отсто со оглед на забрзаната динамика на капиталните инестиции, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Вчера Светска банка го објави извештајот, според кој, нашата економија ќе има најмал раст од регионот – само 1,8%.  Проекцијата е намалена поради нереализирање на капиталните проекти, поточно пругата кон Бугарија и автопатските делници од Коридорот 10Д.

Според нив, загрижува и порастот  на буџетскиот дефицит и јавниот долг, па препорачуваат Владата да најде начин за фискална консолидација и согласно Мастришките критериуми и Законот за буџети да го намали  јавниот долг под 60% од БДП.