Македонија
14. јуни 2017 - 21:32

Интервенции на екипите на Град Скопје по обилните врнежи

Град Скопје соопшти дека екипите на Штабот за заштита и спасување на градот интервенирале на неколку локации по невремето проследено со дожд и град што попладнето го зафати Скопје и околината.

Како што информираат од Град Скопје на поголем број локации во Скопје имало поплавени делови. Интервенирано било кај подвозникот на булеварот Киро Глигоров, кај Бриколаж, и кај клучката кај хотелот Континентал. 

- На овие локации краток период се создадоа потешкотии во одвивањето на сообраќајот, а по интервенцијата на екипите на штабот за заштита и спасување на Град Скопје, состојбата се нормализира и сообраќајот се одвива непречено и без застој, се наведува во соопштението.

Од Град Скопје посочуваат дека и во наредниот период ќе ја следат состојбата на терен и доколку има потреба соодветно ќе интервенираат.

- Покрај на сообраќајниците кои се во надлежност на Градот Скопје, поголемата концентрација на дожд предизвика и поплави на повеќе улици кои што се во општинска надлежност. Градот Скопје апелира до општините во Скопје да инвестираат повеќе средства и да вложат поголеми напори во подобрување на атмосферската мрежа на локалните улици кои што се во нивна надлежност, се вели во соопштението.