Македонија
15. November 2020 - 9:20

Интерните клиники подготвени за Kовид-пациенти, хоспитализирани околу 700 лица

Околу 700 пациенти се хоспитализирани на инфективните одделенија во државата. Подготвени се и Интерните клиники за прием на пациенти.

Со интерни договори, дел од лекарите од сите интерни клиники ќе ја вршат вообичаена работа во нивните интернистички одделенија, а други се приклучени за работа и третман на ковид-пациенти, информираше вчера министерот за здравство Венко Филипче.

Во однос на третманот на пациентите во „8 Септември“, министерот потенцира дека приклучувањето на респиратор на болните лица секогаш се прави во консултација со анестезиолози, кои се експерти за тоа. Анестезиолозите можат да постават пациент на машина и да ги регулираат параметрите. Филипче рече дека и пред Ковидот-19 имале такви искуства.

И во „8 Септември“, дел од специјалистите продолжуваат со вообичаената работа за да не се создава листа на чекање, а дел работат со ковид-пациенти.

Тој соопшти дека до крајот на годинава очекува да бидат поставени две до три монтажни болници, но поради блокадата од опозицијата, како што рече, можно е тие да не стигнат според првичниот план – да се постават 16 ковид-центри во близина на болниците.

– Но ние направивме резервен план и токму тој сега и се активира. Тоа се овие дополнителни капацитети на Интерните клиники и целосно спремените дополнителни капацитети во болницата „8 Септември“. Имаме план, се менаџира и со кадарот, и со останатите одделенија од каде што еден дел од програмата се намалува, соопшти министерот.

Тој очекува и мерките, кои беа воведени пред две недели, по 14 дена да дадат резултати. Филипче очекува бројот на новодијагностицирани да се намали.

Во однос на тестовите Филипче рече дека нивниот квалитет е загарантиран.

Министерството за здравство вчера информираше дека во ковид-центрите во земјава се лекуваат 563 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот. Во регионалните центри во Битола и Штип се хоспитализирани дополнителни 131 болен, со што вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на ковид-19 вирусот кои болнички се лекуваат во ковид центрите е 694.

– Во болниците во внатрешноста има околу 80 слободни болнички кревети, а се прават и исписи на оздравени пациенти со што ќе се ослободат дополнителни легла, велат од Министерството.

Од Министерството за здравство истакнуваат дека бројките се менуваат од час во час, според направените приеми и исписи на пациенти.

Оттаму потенцираат дека сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород.

– И покрај големиот наплив на пациенти во изминативе десетина дена, Министерството за здравство е во постојан контакт со сите болници и доколку има потреба, капацитетите на ковид одделенијата ќе бидат дополнително проширени, велат од министерството.

Во претходното деноноќие беа регистрирани 1168 нови случаи на коронавирусот од направени 3353 тестирања, 18 лица починати, а 692 оздравени.

Од 18-те починати, пет пациенти се од Скопје (61, 69, 67, 77 и 84 г), двајца од Куманово (66 и 80 г), еден пациент од Штип (54г), еден од Тетово (73г), двајца од Битола (82 и 73 г), еден од Охрид (84г), четири пациенти од Гостивар (78, 76, 78 и 66 г), еден од Струмица (55г) и еден пациент од Кратово (74г). Од нив еден пациент е починат вон, останатите се починати во болнички услови.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 46062, бројката на оздравени пациенти е 26981, на починати е 1281, а бројот на активни случаи изнесува 17800.

Во Скопје најголем број од активните случаи-8254, потоа следи Тетово со 1051, Прилеп – 878, Куманово-821, Велес-742, Битола – 669, Струмица – 641, Гостивар – 526. Во другите градови се под 500.

Во Скопје најмногу активни случаи се во Аеродром – 1256, потоа Гази Баба – 1151, Карпош – 1070, Центар – 1028, Кисела Вода – 1021, Ѓорче Петров – 680, Чаир – 500, Бутел – 430. Во другите општини се под 150.

Во текот на претходното деноноќие на територијата на државата, по однос на мерката за носење лична заштита на лице, регистрирани биле 692 прекршоци.

МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат мерките и протоколите донесени од Владата со цел справување со Ковид 19.