Македонија
20. јуни 2018 - 16:54

Интернет измама: Не е познат бројот на Македонци кои купиле авио билети за 1 долар од лажен сајт

Купиле авио билети за цена од еден долар ама нема да патуваат. Организацијата за заштита на потрошувачи потврдува дека се работи за измама на која наседнале македонските граѓани.

Продажбата на ефтини авио билети ја истражува полицијата. Собира податоци колкумина ги внеле податоците од своите банкарски сметки но и кој стои зад измамата.

„Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика презема мерки и активности со цел прибирање на информации за оштетени лица, како и информации за можните сторители и други лица вклучени во измамата и кражбата на податоци“, велат од МВР.

Според податоците на Асоцијацијата за е-трговија, изминатите 12 месеци е зголемено пазарувањето преку интернет. Скоро 20 проценти од населението набавило некаков производ или услуга и платиле со внесување на податоците од својата банкарска картичка.

„Невозможно е да се добие „нешто“ за „ништо“. Конкретниот повик беше дека за еден долар можат да добијат две авионски карти. Значи мора да внимаваат каде кликаат и секако да ја проверуваат веродостојната на интернет страниците“, вели Нина Ангеловска, Претседател на асоцијација за е-трговија на Македонија.

Експресното ширење на лажната вест за ефтини билети ги загрижи банките ама не откриваат дали нивните корисници побарале блокада за идни интернет плаќања.

Единствена цел на ефтините авио билети понудени од лажни интернет продавници е собирање на податоци од вашите  платежни картички, предупредуваат банките. Ги повикаа своите клиенти да внимаваат на кои страници ги внесуваат личните и податоците од банкарската сметка.