Македонија
14. December 2019 - 16:34

Институтот за старословенска култура бара имплементација на ГИС за културното наследство

Институтот за старословенска култура во Прилеп разви посебен Географско информациски систем преку кого се покриваат сите фази од третманот на културното наследство. Од самото истражување, преку анализата, па се до промоцијата на пронајдоците. Со овој пилот проект досега се обработиле 6 антички градови, Стоби, Скупи, Баргала, Големо Градиште, Хераклеа и Лихнид. Тој засега е единствен систем од ваков вид во Македонија, а ситуацијата на ова поле според неговите креаторите кај нас била многу лоша. Другите околни држави биле далеку понапред од нас.

„Со оглед на тоа што имаме интернет страни за само неколку археолошки локалитети, пристапот до информации за културното наследство е строго ограничен и тоа остава простор за одредени квази научници и квази истражувачи да пласираат информации кои не се релевантни. Доколку ние имаме еден ваков систем кој ќе се полни од стручњаци, ќе содржи податоци кои ќе ги анализираат научници само на тој начиин можеме да пласираме релевантни информации“, истакна Христијан Талевски, асистент истражувач во Институтот за старословенска култура во Прилеп.

Овој систем беше промовиран пред стручната јавност во Прилеп. Се бара час поскоро државата да започне со негова имплементација, затоа што ако утре се постави, вистинските резултатите од системот можеле да се видат дури по 15-тина години. Но без државна помош се било залудно.

„Без поддршка од државата, без поддршка од централните власти ова е невозможна мисија. Вакви пилот проекти ќе реализираме, идејата е добра, но се додека не се издигне сето ова на државно ниво сепак останува само убава идеја и амбиција“, додаде Талевски.

„Имено ние како Институт особено вложуваме во овој сегмент на развој бидејќи методолошкиот исчекор овозможува ново ниво на осознавање, започнувајќи од анализа, па се до воопштување на сознанијата“, изјави Бранислав Ристески, директор на Институтот за старословенска култура во Прилеп.

Идејата била преку организација на вакви трибини и работилници да се создаде критична маса која во иднина ќе лобира и се бори за имплементација на ГИС системот.