Македонија
30. November 2020 - 16:42

Институтот за национална историја не прифаќа ултиматум за ‘‘историски вистини‘‘, партиите меѓусебно се обвинуваат

Институтот за национална историја нема намера да ја прилагодува својата научна дејност за потребите на политиката. Највисоката македонска институција за историски поручувања која ја раководи првиот човек на македонскиот експертски тим во заедничката комисија со Бугарија Драги Ѓорѓиев ги осудува сите форми на мешање на политиката во историјата.

„Историјата и нејзината интерпретација мора да бидат детерминирани исклучиво од научна етика и претендирање кон објективност и во тој контекст не смее да се доведува во врска со потребите на политиката, ниту на било каков начин да биде условено од политичките влијанија, што е во целосна спротивност со европските демократски принципи. Имајќи ја предвид природата на научната мисла, која е неопходно да биде слободна и независна, а не политички условена, Институтот го изразува својот категоричен став на осуда на сите форми на политичко оспорување на македонската историографија, на македонската национална историја и идентитетот. Институтот нема да ја подреди својата научна дејност на било какви политички влијанија! – се вели во реакцијата на Институтот за национална историја.

Реакцијата на институтот доаѓа во време кога власта е во интензивна дипломатска активност во обид да обезбеди старт на преговорите пред крајот на годината и неколку дена по интервјуто на премиерот Заев во бугарските медиуми.

Опозицијата и денеска прашува за што викендов се разговарало во Бугарија.

Од СДСМ демантираат. Велат дека викендов воопшто немало преговори во Софија.

Премиерот и натаму останува оптимист дека може да се дојде до решение во проблемот со Бугарија, иако од Софија се уште нема сигнали за промена на ставовите.